Во текот на шестиот семестар, студентите имаат задолжителна пракса во времетраење од два месеца за која се стекнуваат со 10 академски кредити. Практичната работа треба да ја реализираат во компании, организации и институции чија дејност е компатибилна со студиската програма.
Праксата е обезбедена од страна на Центарот за надградба и професионално усовршување „Кариера“ при Високата школа. Во текот на реализацијата на праксата студентот е под надзор од страна на ментор од практиката, вработен во организацијата каде што се извршува праксата, и ментор од Високата школа, вработен во Центарот „Кариера“, кој се грижи за успешно реализирање на практичната настава.
Менторот од практиката е должен да ја следи присутноста на студентот, да му задава (доделува) задачи и вежби, да ја следи работата и ангажираноста на студентот и да му дава фидбек за сработеното. Центарот „Кариера“ комуницира со менторот од практиката еднаш во неделата и се грижи праксата да биде во согласност со предвидената наставна програма.