This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. дипломирала на интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет во Скопје, а магистерскиот труд го одбрани на Економскиот институт во Скопје на тема „Улогата на односите со јавноста и влијанието на медиумите во масовното комуницирање“. Таа е дописник на агенцијата „Франс Прес“ од 1991 година. Работела како новинар репортер, водител и уредник во Радио Скопје, водела осумчасовна програма во живот, била репортер во првите контактни програми на Македонската телевизија, продуцент на најпрестижната телевизиска агенција World Wide Television News (WTN), дописник на словенечкиот магазин TELEX, новинар и уредник во весникот „Нова Македонија“ во времето на распадот на бивша Југославија.
Известувала како воен репортер од Словенија и Хрватска, ги следела сите поважни настани поврзани со дисолуцијата на земјата, кризите во Косово и Македонија. Соработувала со телевизиската куќа CNN, весниците Die Welt, Los Angeles Times, неделникот Newsweek, и други медиуми во светот.
Четири години била уредник на агенцијата Макпрес и соработувала со други светски медиуми. Автор е на монографија и книга за Мајка Тереза за што е добитник на наградата 13 Ноември за најдобро публицистичко дело во 2001 година што ја доделува град Скопје.
Како стипендист на фондацијата „Сорос“ престојувала во Лондон каде работела во билтенот War Report, а потоа како стипендист на Европската комисија во Париз пишувала за магазинот Europe, и истовремено работела како дописник на приватната телевизија А1 и весникот „Нова Македонија“.
Еден е од основачите на весникот „Време“, а од 2000 година постојан соработник на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во делот на програмите поврзани со новинарство и односите со јавноста. Учесник е на бројни семинари и конференции кај нас и во светот и дел од повеќе ПР обуки и консултанстки програми.