Препораките за студентите се од менторите во медиумите и агенциите за маркетинг и комуникации, каде што студентите стажирале. Менторите посочуваат на стекнатите знаења, способности и навики кои студентите ги покажале за време на праксата.
За Дијана Димитровска, студентка по односи со јавноста
Ни беше чест и задоволство да соработуваме со Дијана на нашиот проект „The Prague PR Experience“. Дијана покажа исклучително познавање во индустријата за односи со јавноста и со нејзиниот неизмерен професионализам ни помогна да добиеме пет медиумски партнери за гореспоменатиот проект. Сите обврски кои и беа дадени на Дијана ги заврши за рекордно време од три недели. Од наше искуство потребни се повеќе од два месеци за финализирање. Вратите на нашата компанија секогаш ќе бидат отворени за Дијана.
Од извршниот директор на агенцијата „PWorld“, Коста Петров
За Биљана Еверетте, студентка по новинарство
Студентката Бињана Еверетте за време на едномесечната пракса покажа посебен интерес и резултат за сите работни задачи во медиумот. Беше особено активна во изработка и реализација на интервјуирани прилози, вести, анкети за теми од општествено историски настани и случувања. Фокусот секогаш и беше насочен кон зададената цел - вистинито, интересно, возбудливо, прецизно и актуелно. Без проблем ги прифаќаше сите предизвици за изработка на интересни прилози, интервјуа, беше одличен репортер со вклучувања во живо „од местото на настанот“. Особено ја нагласувам нејзината креативност и немирен дух да истражува и продуцира уникатни парчиња, да нанесе еден посебен белег на нејзината работа. Ја препорачувам на сите електронски и печатени медиуми како и онлајн портали. Билјана Еверетт е одличен професионалец и прекрасен тимски играч кој секој би ја посакал покрај себе.
Од уредникот и радионовинар во „КЛУБ ФМ“, Маргарита Столеска
За Лира Џокиќ, студентка по односи со јавноста
Студентката Лира Џокиќ со ентузијазам и посветеност ги изврши сите поставени задолженија, предвидени со планот за извршување на праксата во „Image PR“. Покажа висок степен на ангажираност, навременост, квалитет во изработката на поставените задачи, како и особено знаење и способност низ тимска работа да ги осмисли и реализира поставените предизвици од страна на менторот, користејќи се соодветно со своето досегашно знаење од областа на односите со јавноста.
Од координаторот за медиуми во агенцијата „Image PR“, Гоце Пачемски
За Драгана Филиповска, студентка по новинарство
Студентот Драгана Филипова со ентузијазам ги прифаќаше сите работни задачи, со интерес ги следеше упатствата и советите од колегите во Канал 5 Телевизија, така што обуката успешно ја заврши. Комуникативноста и отвореноста за совети и критики се особини кои ги поседува Драгана, така што со дополнително знаење од областа на телевизиското новинарство, како и техничка надградба ќе стане многу добар новинар.
Од главниот и одговорен уредник на Канал 5 ТВ, Лидија Богатинова
За Родна Деолска, студентка по односи со јавноста
Кај студентот е забележан одличен напредок. Исполнителна, вредна и креативна. Ја препорачувам за секој иден работодавец. Крајот на нејзината пракса резултираше со конкретен и совршен производ за еден од нашите клиенти. Браво за студентот.
Од директорот за медиуми во агенцијата „Генесис комуникации“, Викторио Јаковлески
За Александра Дудиќ, студентка по односи со јавноста
Александра Дудиќ во текот на двомесечната пракса во Општина Карпош беше активно вклучена во работата на Одделението за односи со јавност. Од првиот ден покажа исклучителен ентузијазам за вклучување на сите активности во одделението, без оглед дали станува збор за организирање на настани, (изработка на ПР текстови и комуникациски планови, организирање настани) секојдневна комуникација со новинари или непосредно учество во информирањето преку пишаните и електронските медиуми кои ги користи Општина Карпош. Освен ентузијазмот и предаденоста во работата, импресионира нејзиниот висок степен на писменост и критичка размисла во изработката и примената на комуникациските алатки. Она што исто така е за истакнување кај овој Ваш студент е одржување на квалитетно и високо ниво на интерперсонална комуникација, брзо вклопување во средината, брзата социјализација со административната структура на вработени, што укажува на неконфликтна личност, непосредна и искрена. И посакуваме успех во натамошните студии и во нејзината идна професија
Од портпаролот на Општина Карпош, Виолета Цветковска
За Памела Илиева, студентка по односи со јавноста
Студентката покажува способност за комуникациски вештини и за тимска работа. Општина Аеродром е задоволна од работата на студентката Илиева која одлично се вклучи во работењето и покажа одлично познавање во областа на односите со јавноста и комуникациите.
Од претставникот на Одделението за односи со јавноста на Општина Аеродром, Милена Стефановска