Најголем дел од медиумите во позитивна рамка ја поставија извршната власт, а јавниот сервис, лишен од уредувачка независност, се стави во функција на државна, а не на јавна телевизија. Ова е еден од заклучоците од анализата на врамување на медиумско известување за време на локалните избори што денеска на телевизиска дебата во Битола ја презентираше тимот истражувачи на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.
На дебата што во живо се пренесуваше на Тера телевизија, беше констатирано дека покрај големиот број медиуми отсуствува политички плурализам и јавна дебата, со што медиумите го маргинализираа граѓанскиот интерес, наспроти политичките интереси.
Анализата на случај поврзана со кампањата во Кичево и Струга покажа етнички мотивирано врамување на новинарските текстови. Од една страна, известувачката рамка „Албанскиот етно-национализам е штетен“ доминира кај медиумите на македонски јазик без да се проблематизира македонскиот етно-национализам, и обратно, кај медиумите на албански јазик е нагласен „македонскиот етно-центризам е штетен“ без критика на однесувањето на албанските политички актери.
На дебатата се отвори дискусија дали новиот нацрт закон за медими обезбедува независност на медиумите од власта и другите центри на моќ. Законските решенија треба да го решат проблемот на државното рекламирање кое ја загрозува уредувачката независност и го нарушува пазарот, да се регулира политичкото рекламирање надвор од изборна кампања и да се обезбеди целосна независна регулација. Еднакво важно е да заврши и процесот на саморегулација. Исклучително важно е да се зајакне социоекономската положба на новинарите и нивното синдикално организирање, бидејќи само така ќе се намали притисокот врз новинарите и нивната автоцензурата.
Истражувањето за медиумското известување и дебата во Битола се дел од проектот „Набљудување на известувањето на медиумите за партиско – политичките и меѓуетничките прашања во текот на предизборниот период“, кој Високата школа го реализира со поддршка од Амбасадата на Холандија и Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија. Во набљудувањето беа вклучени 21 медиум, избрани според влијанието што може да го имаат врз публиката, односно според податоците за нивната гледаност, слушаност и читаност.