Основните цели на истражувањето се:
- да се направи увид во досегашните истражувања и публикувани текстови за медиумското известување за различните општествени групи и култури кои живеат во Република Македонија;
- да се согледаат информираноста, перцепциите, ставовите, практиките и искуствата на дел од медиумите во поглед на известувањето за различностите;
- да се утврди како медиумите известуваа за два понови настани кои имаа нагласена меѓуетничка/меѓурелигиска/меѓукултурна димензија; и
- да се сумираат конкретните иницијативи кои претставуваа (или претставуваат) обид на позитивен начин да се промовира културната разновидност во медиумите.
Важно е да се нагласи дека ова истражување немаше за цел да ги идентификува медиумите кои најчесто негативно известуваат за различните етнички групи и врз таа основа да ги ’обележи’ како етички непрофесионални и неодговорни медиуми. Напротив, целта е да се откријат, разберат и да се поттикнат внатрешните механизми во редакциите кои можат да помогнат да се репродуцира културната разновидност и говорот на толеранција во и преку медиумските содржини, посочувајќи на најпозитивните практики, примери и искуства.