Pricing Table Particle

Quickly drive clicks-and-mortar catalysts for change
  • Basic
  • Standard Compliant Channels
  • $50
  • Completely synergize resource taxing relationships via premier market
  • 1 GB of space
  • Support at $25/hour
  • Sign Up
  • Premium
  • Standard Compliant Channels
  • $100
  • Completely synergize resource taxing relationships via premier market
  • 10 GB of space
  • Support at $15/hour
  • Sign Up
  • Platinum
  • Standard Compliant Channels
  • $250
  • Completely synergize resource taxing relationships via premier market
  • 30 GB of space
  • Support at $5/hour
  • Sign Up
Истражувања

Во известувањето на медиумите за Карневалот во Вевчани и за настаните што следуваа по него беа забележани примери на силен етноцентризам, негативна стереотипизација, како и симптоми на ксенофобија и нетолерантност кон религијата на другите културни групи. Покрај тоа, медиумите за овие настани генерално известуваа низ етно-специфична позиција, односно низ призмата на сопствената етничка група. Лоцирани се и отстапувања од новинарските принципи и стандарди, а најсериозното нарушување е компромитирањето на основните стандарди за непристрасно, точно и балансирано известување.

Предмет на оваа квалитативна анализа се лингвис­тичките карактеристики, реторичките форми и дискурзивните структури и стратегии употре­бени во новинарските текстови, како и нивните различни значења и функции во конкретниот општествен мултиетнички контекст во Македонија. Анализата се фокусира на начинот на кој медиумските текстови конституираат или пак се врамуваат во дискурси кои може да произведуваат (отворен или скриен) етноцентристички, стереотипизирачки, ксенофобичен или дискриминаторски социјален ефект кон колективниот ‘Друг’ во земјата.

Ова истражување е реализирано како дел од активностите на Катедрата на УНЕСКО за медиуми, дијалог и заемно разбирање, формирана при Високата школа во јуни 2011 година, со одлука на организацијата на УНЕСКО во Париз. Истражувањето е дел од пошироката иницијатива на Високата школа чија цел е квалитетно да се подобрат професионалните стандарди во медиумското известување за различностите и да се зајакне улогата на медиумите во подобрувањето на меѓуетничкиот и меѓукултурниот дијалог и соработка на различните заедници и групи во Република Македонија.
Заклучоци

Во известувањето на медиумите поврзани со Вевчанскиот карневал и струшките настани што уследија по случувањата во Вевчани беа забележани примери на силен етноцентризам, негативна стереотипизација, како и симптоми на ксенофобија и нетолерантност кон религијата на „Другите“ културни групи. На почетокот, во известувањето за случувањата на Вевчанскиот карневал медиумите применуваа посуптилни форми на етноцентричен, стереотипизирачки или ксенофобичен дискурс. Подоцна,  како што се одвиваа настаните (23 јануари - палењето знаме, 27 јануари - протестите во Струга и 31 јануари - палењето верски објекти) и во медиумското известување се забележуваше инфламаторна реторика со која се создаваше атмосфера на нетрпение и чувство на закана и недоверба.  

Генерално, сите медиуми за вевчанските и струшките настани известуваа низ етно-специфична позиција, односно низ призмата на „сопствената етничка група. Тоа директно влијаеше врз начинот на дискурзивна контекстуализација на настаните и ја детерминираше нивната реторичка стратегија. Од една страна, медиумите кои објавуваат на македонски јазик главно конституираа наративи во кои „заканата од Другиот“ беше локализирана во хомегено и стереотипно сфатените концепти за „Муслиманите“ и „Албанците“. Главниот наратив кој притоа се создаваше е тој за „Глобалниот радикален ислам“ кој е закана за „Нас - умерена Македонија“. Освен тоа, овие наративи воведуваа   и симболичка и фактичка реминисценција на „загубениот мир од 2001 година“, но исто така  го поставуваа и етнички, религиски и идеолошки вцнатрешниот „Друг“ во улога на соработник со надворешниот Друг.

Од друга страна, медиумите кои објавуваат на албански јазик креираа релативно стабилни наративи за „дефанзивен патриотизам“ кој е спротивставен на корозивниот национализам на Другиот“. Друг голем наратив кој го репродуцираа албанските медиуми е „наративот за честа на навредената нација“ кој се меша со „наративот на навредената религија“ на која и треба признавање и извинување за направената штета. Притоа, овие концепти се конструирани колективно и стереотипизирачки. 

Како и во претходната анализа за известувањето за Европското првенство во ракомет, и во оваа беа воочени двете спротивставени дискурзивни стратегии кои наизменично се промовираа: стратегијата на „откривање или преголемо нагласување “ и стратегијата на „игнорирање,заборавање или одмолчување“ на некои од аспектите и за настаните кои се случија во струшко. Медиумите на албански јазик ја потенцираа навредата изнесена на Вевчанскиот карневал и на Европското првенство, а македонските медиуми ги потенцираа настаните во Струга. Со тоа, на јавноста паралелно и се „сервираа“ две спротивставени приказни. Покрај тоа, беше забележано и априорно полнење на настаните со политичка содржина, без за тоа да се поседуваат факти и информации од сторителите и за сторителите.

Професионалните рамки во кои функционира новинарската професија воопшто, наложуваат правила од содржинска и формална природа што медиумите мора да ги почитуваат за да обезбедат општествен кредибилитет кој, покрај другите вредности, подразбира и промовирање на принципот на толеранција.Ова особено важи за мултикултурни општества какво што е македонското, во кои општествената чувствителност на известувањето е секогаш понагласена, особено за теми кои се поврзани со етничките и религиозните односи. Но овие принципи за време на струшките настани и последиците од Вевчанскиот карневал беа занемарени. Напротив тие низ медиумските дискурси беа засилувани.

Гледано од професионален аспект, беа лоцирани неколку отстапувања од новинарските принципи и стандарди. Најсериозното нарушување што може да се забележи е компромитирањето на основните стандарди за непристрасно, точно и балансирано известување. Непристрасноста како принцип, меѓу другото, подразбира новинарските текстови да бидат третирани на начин што им„дава соодветна тежина на настаните, мислењата и главните позиции на аргументите“ , при што новинарот треба да опфати и презентира спектар на ставови за темата што ја третира. Меѓутоа, поради етничката и политичката поларизираност на медиумите во Македонија, непристрасноста како принцип на известување беше компромитирана.

Она што специфично го покажа оваа анализа во поглед на професионалноста во известувањето, што важи речиси за сите медиуми, е праксата информациите од „институционалните“ извори директно и некритички да се пренесуваат без да се контекстуализираат. Ова особено се однесува на изјавите на различни претставници на институциите во кои се содржани елементи на дискриминација кон припадниците на другите групи. Со тоа, некритички се пренесува и новинарски не се „оспорува“ униформниот наратив кој го наметнуваат елитите кои имаат пристап до медиумите. Во услови кога тој „дискурс на елитата“ креира стереотипизирана слика за „другиот“, медиумот учествува во неговата репродукција и, пренесувајќи го, уште повеќе го засилува неговиот ефект во јавната сфера. Без критичко контекстуализирање на вакви изјави медиумите репродуцираат и стануваат рамка во која „карневализацијата“ на верските прашања се надоврзува на претходните инциденти од ракометните навивачки трибини и се преведува од религиозниот во контекстот на имплицитната меѓуетничка нетрпеливост.