Институтот за комуникациски студии (ИКС) почнува да развива две меѓународни онлајн програми MicroMasters за (1) Претприемнички и иновативен екосистем и (2) Дигитални комуникации и маркетинг.
Програмите ќе бидат креирани во соработка со Истанбул универзитетот од Турција, Универзитетот Витаутас Магнус од Литванија и со ДОБА бизнис школата од Словенија, во рамките на проектот MASTER@HOME кој е финансиран од Програмата ЕРАСМУС+ на Европската Унија.
Шестмесечните специјализации ќе им обезбедат на 120 учесници подлабинско учење во конкретните области, стекнување компетенции релевантни за меѓународниот пазар на трудот и здобивање конкурентна предност за професионален успех и личен развој. Програмите ќе се реализираат онлајн, а виртуелната мобилност и онлајн учењето во тимови ќе го збогатат меѓународното искуство и меѓукултурното разбирање на учесниците од различни европски земји.
MicroMaters ќе бидат бесплатни и наменети за оние кои сакаат да ги усовршат своите претприемнички, управувачки и маркетинг компетенции, да го унапредат своето образование и кариера, да најдат (подобра) работа или да започнат сопствен бизнис. Учењето засновано на играње улоги преку работа ќе се користи како иновативен наставен метод кој ќе им обезбеди на учесниците клучни вештини и информации за областите во кои ќе специјализираат.
Со завршување на една MicroMaster, учесниците ќе стекнат 25 ЕКТС, кои може да бидат признаени и да водат кон формално образование во рамките на студиските програми на четирите партнерски високообразовни институции.