Иако 65 проценти од вработените во големите и средните компании во Македонија сметаат дека родовата рамноправност во управувањето е многу важна, дури 60 отсто велат дека нивната компанија нема спроведено активности за полово врамнотежено управување и не планира да го направи тоа. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето за родова застапеност на раководни позиции во Македонија, кое Институтот за комуникациски студии во соработка со Институтот Изида Вита од Словенија го реализираше од април до јуни оваа година.
Проблемот кој постои во Европа е нееднаквата застапеност на жените на највисоките раководни позиции, што ова истражување го потврди и во Македонија. Според одговорите на испитаниците, во најголем број на македонските големи и средни компании мажи се сопственици (73%) или генерални менаџери (67%), додека жени менаџираат во 33 отсто од компаниите, а само 27 проценти се сопственички.
Истражувањто покажува дека над 26 отсто од компаниите веќе се обиделе да преземат една или повеќе активности за да ја подобат родовата избалансиранст во управувањето, а 14 проценти планираат да го сторат тоа. Тие се обидуваат да ја постигнат половата врамнотеженост со создавање средина за отворена, инклузивна и разновидна култура, усвојување кодекс и други внатрешни документи, подготвување разни образовни програми и со поставување на минимален удел на жени/мажи на управувачки функции на најмалку 1/3 од секој род. Сепак, повеќето компании не применуваат голем дел од мерките кои можат да ги користат за оваа цел. Тоа се, на пример, создавање менторски шеми, воспоставување на парови за кариерно спонзорство за жени, процедури за вработување каде родовата врамнотеженост е вградена во самиот процес или подготвување кариерни планови приспособени на посебен круг од животот на жените и мажите. Така на пример, жените се враќаат на своите кариери откако ќе наполнат 40 години, кога ќе пораснат децата, за разлика од мажите кои го достигнуваат врвот на 30-35 години.
Голем процент од испитаниците сметаат дека родово врамнотежено управување ќе има позитивно влијание врз работењето на компанијата. Поточно, тоа ќе придонесе за покреативни процеси и поетичко однесување на компанијата (65%), за ефективни деловни резултати (54%), за поефикасно финансиско работење (46%) и за преземање помали ризици во процесот на донесување одлуки (42%). Мнозинството испитаници од компаниите кои веќе реализирале активности за родова врамнотеженост (56%) сметаат дека сегашната ситуација во компанијата за која работат е подобрена.
Испитаниците сметаат дека клучните препреки за жените да не се промовираат на највисоките раководни позиции се дека тие треба да се 95% сигурни дека се способни да извршуваат нова функција, за да се согласат да ја прифатат (42,8%), дека жените работат на социјално одговорни цели и не се фокусирани само на постигнување финансиски цели (42,4%) и дека тие се воспитуваат да се грижат за семејството, а не да бидат жени со успешна кариера.
Жените испитанички, пак, одговорија дека се соочиле со ситуации кога работеле долго време за да завршат некој проект, а потоа маж ја презел заслугата за тоа (18,8%), дека се соочиле со стереотипи дека жените управителки се непријатни и заповедливи (13,8%) или дека кога конкурирале за повисока позиција, работата ја добил маж, иако нивното искуство и вештини биле на исто или дури повисоко ниво од неговите (12,8%).
Истражувањето беше спроведено на примерок од 1.200 големи и средни компании во Македонија, а во него учествуваа 304 испитаници вработени во компаниите. Истражувањето се реализираше во рамките на проектот „Еднаква моќ за жените“ кој е финансиран од Министерството за надворешни работи на Словенија.