Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави документот за јавни политики „Кампањи од јавен интерес на македонски начин: информирање на граѓаните или политичка пропаганда?“, чија цел е да утврди дали кампањите од јавен интерес кои беа спроведувани во медиумите во Македонија изминативе неколку години беа навистина од јавен интерес или служеа на интересите на политичките елити или на други институции. Потоа, на кој начин се спроведуваа кампањите од јавен интерес, дали постојат показатели за нивното влијание врз јавноста, кои медиуми најчесто ги објавуваа овие кампањи, и кој најчесто беше нарачател на кампањите од јавен интерес?
Документот се осврнува и на тоа дали постојат критериуми за избор на медиуми во кои ќе се купува рекламно време или простор. На кој начин се определува потребата за кампањи од јавен интерес, дали и како се обезбедува непристрасност и транспарентност при селектирање и спроведување на кампањи од јавен интерес? Дали македонското законодавство предвидува мерки за транспарентно и отчетно спроведување на кампањи од јавен интерес во македонските медиуми и дали истото се почитува при спроведување на овие кампањи? Документот нуди и преглед и анализа на легислативата во областа, и оценува дали истатата ги задоволува европските стандарди.
Врз основа на направената анализа, утврдени се следните главни заклучни констатации: Македонската легислатива нема јасно дефинирано што е јавен интерес, што се кампањи од јавен интерес, кои се темите и проблемите кои треба да добијат таков третман. Тоа го отвара просторот за слободно толкување и креирање на различни интереси - политички, економски, а занемарување на интересот на широката јавност и нејзино претворање во „набљудувач“ на она што преку медиумите и кампањите се сервира со аргумент дека граѓаните на тој начин не само што се информираат, туку и се едуцираат за постигнување на општо добро. Главен „нарачател“ на кампањите од јавен интерес во последните десет години беше Владата во соработка со надлежните министерствата.
Секоја кампања најнапред се најавуваше и промовираше на прес конференција со редовно присуство на претседателот на Владата придружуван со ресорните министри, како и со стручњаци и јавни личности од конкретната област (лекари, универзитетски професори, спортисти). Кампањите многу бргу го окупираа вниманието на јавноста, но и предизвикаа различни (најчесто негативни) реакции кај обичните граѓани, медиумите, невладините организации и стручната јавност. Забелешките се осврнуваа на содржината на пораките, „скриените“ цели, методите и техниките за информирање и едуцирање на граѓаните, се до нивните астрономски суми. Се проблематизираше и постапката за избор на медиумските промотори - електронските и печатени медиуми, а особено ефикасноста, транпарентноста, отчетноста на нарачателот на кампањите. Најсериозни беа сомнежите за карактерот на кампањите, односно колку со нив навистина се промовира јавниот интерес или се (зло)употребува за себепромоција на власта, пред се, преку „купување“ на медиумите за промовирање на нејзините политики.
Некои од главните препораки од извештајот се: Законско дефинирање на јавниот интерес и на кампањите од јавен интерес, со нормативни решенија кои обезбедуваат силни механизми за нивно спроведување во практиката. Императив за секоја демократска влада во спроведување на јавните политики е двонасочната комуникација со граѓаните активно вклучени за сите прашања од јавен интерес. Јавните кампањи нужно мораат да го исполнуваат јавниот интерес. Без оглед дали нивната цел е информирање, едукација или мотивирање на јавноста, прашањата кои ги „третираат“ треба да се однесуваат на легитимен јавен интерес за граѓаните и општеството. Како такви, теоријата и практиката посебно ги издвојува темите од областа на заштитата на јавното здравје и животната средина, јавната безбедност и сигурност, остварувањето на основните човекови права, образованието, економската сигурност, националната безбедност. Користењето на време/простор во масовните медиуми за емитување на содржини (спотови, филмови) од јавните комуникациски кампањи треба бесплатно да биде отстапено.
Притоа, комерцијалните медиуми можат да одберат дали ќе ги емитуваат тие содржини или не, додека за јавните тоа треба да биде обврска. Трошењето на јавните (буџетски) пари за финансирање на кампањите од јавен интерес е оправдано само за продукција на текстуални, аудио и визуелни содржини (спотови) како и за печатени материјали (брошури, билборди) за потребите на кампањите. Тоа се однесува на сите нарачатели на кампањите, владата, ресорните министерства, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и јавните претпријатија. За успешност на јавните кампањи нужен е сериозен и продлабочен пристап кон проблемот, внимателно „детектирање“ на целите, јасно утврдување на потребите, интересите на јавноста, широк спектар на различни методи и техники, вклучување на бројни субјекти учесници во кампањите, јасно дефинирање на клучните пораки.
Документот и резиме за јавни политики „Кампањи од јавен интерес на македонски начин: информирање на граѓаните или политичка пропаганда?“ се реализира во рамките на проектот „Зголемување на моќта на граѓанските организации во Македонија за изразување на јавниот интерес“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Документот може да се преземе на следниов линк.