Граѓанските организации Вилсон Македонија, Македонска платформа против сиромаштија, Инклузива, Рома С.О.С., Центар за правни истражувања и анализи, Институт за човекови права, ЏЕФ и Цивил, Слободен софтвер, Младински образовен форум (МОФ), ХОПС и Метаморфозис ги презентираа Документите за јавни политики, базирани на истражувања со цел да ги оправдаат своите барања за законски измени. Нивните иницијативи се однесуваат на различни сфери од општественото живеење: (не)заштитени права на пациенти, последици за граѓаните од неефективно судство, дискриминација на студенти, малолетнички бракови и сл.
Презентацијата на Документите за јавни политики се одржа на панел дискусија што ја организираа Вестминстер фондацијата за демократија и Високата школа за новинарство и за односи со јавностата на 15 ноември во ЕУ Инфоцентарот. На настанот беше промовиран и „Прирачник за истражување и за пишување документи за јавни политики“, што го изработија предавачи на Високата школа со цел да им помогне на граѓанските организации кои сакаат да иницираат општествена промена. Тој се состои од насоки и совети што ги објаснуваат сите фази на истражувањето за застапување, почнувајќи од неговото планирање, реализација и пишување на документот за јавни политики (Policy paper) и на резимето на јавната политика (Policy brief).
Панел дискусијата беше организирана во рамки на проектот: “Граѓаните во Собранието: Законодавни иницијативи за човекови права” кој е финансиран од Европската Унија, а кофинансиран од Вестминстер фондацијата за демократија.