Виртуелниот кампус на три високообразовни институции од Македонија, Словенија и Турција почна да ја развива Онлајн програмата за професионален развој за иновативен менаџмент, лидерство и стратегиски комуникации - е-PROFMAN.
Повеќе од 30 претставници на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста од Македонија, Факултетот ДОБА од Словенија и Универзитетот Истанбул од Турција на петдневна работилница во Марибор во март започнаа со активностите за креирање на наставната програма, онлајн ресурсите за учење и платформата за виртуелна училница. Тие дискутираа дека само со умешно комбинирање на педагогијата, технологијата и организацијата може да се обезбеди успешна заедничка онлајн програма и одржливост на виртуелна средина за учење.
Оттука, предавачи, ИТ експерти и менаџери на виртуелниот кампус заеднички ги дефинираа целите и очекуваните резултати на наставната програма, работеа на главната содржина и наставните методи за осумте онлајн курсеви и ги разгледуваа најдобрите платформи за онлајн учење и за продукција на отворени едукативни ресурси. Ваквиот тимски пристап, преку споделување експертиза и најдобри практики од Македонија, Словенија и Турција, ќе овозможи сеопфатна професионална програма применлива за пазарот на сите три држави.
Покрај тоа, четворица експерти по онлајн учење беа поканети да го пренесат нивното знаење и искуство за спецификите и динамиката на онлајн учењето, различните модели за онлајн учење во Европа и за предизвиците и улогата на напредните технологии.
Онлајн програмата за професионален развој за иновативен менаџмент, лидерство и стратегиски комуникации - е-PROFMAN е проект финансиран од Програмата ЕРАСМУС+ на Европската Унија.
Фотографии од средбата во Марибор