Високата школа за новинарство и односи со јавноста е дел од штотуку започнатиот (тригодишен) проект на УНЕСКО и ЕУ насловен „Градење на доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција“ кој има за цел да ја да ја врати довербата на граѓаните во медиумите во земјите на Југоисточна Европа и Турција. Проектот ова ќе го оствари преку подобрување за механизмите за отчетност на медиумите, процесите за внатрешно управување во медиумските организации, и подобрување на медиумската и информациска писменост на граѓаните со цел тие да можат да донесуваат информирани одлуки во секојдневниот живот. Проектот има цел и да ја зајакне поддршката од граѓанското општество и да ја зголеми јавната побарувачка за квалитетни медиуми.
Овој проект се базира на претходната соработка помеѓу ЕУ и УНЕСКО. Проектот ќе се надоврзе на искуствата и резултатите од проектот "Усогласување со меѓународните стандарди во медиумскиот сектор на земјите од Југоисточна Европа" што го спроведе УНЕСКО од 2009 до 2011 година, како и проектот "Отчетност на медиумите во Југоисточна Европа" имплементиран од 2013 до 2015 година.
Очекувани резултати од проектот
Проектот е поделен на три компоненти на активности: (1) Зголемена медиумска отчетност; (2) Подобрено внатрешно управување во медиумските организации и; (3) Зголемена јавна побарувачка за квалитетни медиуми. Очекуваните резултати од спроведувањето на овие активности се следниве:
- Медиумската отчетност кон корисници од сите возрасти ќе се зголеми преку ефикасни и одржливи механизми за саморегулација и вклучување на професионалните стандарди, слободата на изразување и интегритетот на медиумите во основното образование на новинарите.
- Внатрешното управување на медиумските организации ќе се подобри преку спроведување на внатрешни правила и добри практики кои ги земаат предвид човековите права и работните односи, како и преку подобрување на нивото на транспарентност во сопственоста и управувањето, како и спроведувањето на етички кодекси во медиумите.
- Јавната побарувачка за квалитетни медиуми ќе биде зголемена. Граѓаните ќе учат за медиумската и информациона писменост и ќе ја разберат улогата на новинарството во едно демократско општество, а партнествата меѓу медиумите и граѓанските организации ќе биде зајакната.
Проектот, освен во Македонија, ќе се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Турција и Косово (UNSCR 1244). Во проектот ќе се развијат и партнерства со Европската федерација на новинари (EFJ), Мрежата на етичко новинарство (EJN), Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ), и други новинарски организации и здруженија.