Седум студенти на новинарство и пет од насоката односи со јавноста денеска ја одбранија дипломската работа пред комисијата предавачи и нивните ментори. Студентите по новинарство ги презентираа своите оригинални истражувачки приказни кои се одличен обид за одговор на прашања од јавен интерес и кои на автентичен начин и со низа истражувачки техники го доловуваат однесувањето на различни институции во државата.
Биљана Еверете ни покажа дека во земјоделските аптеки се купува отров за 170 денари кој може да усмрти 100 луѓе за неколку минути. Марко Петрески тврди дека го открил гробот на попот Богомил. Елена Георгиевска ја откри злоупотребата на работодавачите со пријавување на работниците со скратено работно време, иако тие се принудени на осумчасовна работа.
Јасна Атанасова ја докажа затвореноста на институциите преку непочитување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Андреј Спасовски пак, ја истражуваше социјално-психолошката димензија на една проститутка од Скопје, посегнувајќи по одговорот дали сексуалните работнички треба да бидат гонети за кривично дело или пак своите права треба да ги бараат организирани во еснаф.
Дарко Попов ја анализираше потребата и примената на етиката во фоторепортерството кај нас и во светот. Валентин Петрески беше во стационарот „Вардариште“ за да види и докаже дека кучињата добиваат несоодветен третман, наспроти предвидените законски одредби.
Новостекнатите стручњаци за односи со јавност, Лилјана Гламновска Костовски, Перо Лупевски, Родна Деолска и Георгина Трајковска своето додипломско образование го заокружија со изработка на комуникациски стратегии за различни институции и компании. Лилјана изработи комуникациска стратегија за подигнување на јавната свест за селекција на отпад. Перо Лупевски предложи стратегија за општествена одговорност за мали и средни претпријатија, Родна Деолска изработи комуникациска стратегија за општина Дебар, а Георгина Трајковска изработи комуникациска стратегија за осигурителната компанија „Винер осигурување“.