Предметната програма ги обработува комплексните општествени, историски, политички, економски и културни фактори што влијаат врз севкупниот спектар на различностите во едно мултикултурно општество и импликациите од дискриминацијата врз различните групи во однос на расната или етничката припадност, родот, сексуалната ориентација, религијата, социо-економскиот статус и други видови припадност. Предметот се фокусира и на прашањата и конфликтите што резултираат од системските и структурални нееднаквости меѓу групите со различен општествен идентитет и влијанието на структуралните нееднаквости врз социјалното искуство на различните општествени групи.
Ќе се анализираат различните фази и процеси во создавањето на идентитетот и начините на кои се манифестираат разликите меѓу луѓето со различен општествен и културен идентитет. Посебен нагласок ќе се стави на разбирање и анализира на концептите на мултикултурализмот и интеркултурализмот, различните културни системи, природата на општествениот идентитет, стратегиите за борба со дискриминацијата, како и промоцијата на социјалната и економската правда.
Знаења и вештини
Предметот им овозможува на студентите:
• ќе ги разбираат процесите во создавањето на општествените идентитети и начините на кои се манифестираат разликите меѓу општествените групи;
• ќе стекнат концептуално разбирање за клучните прашања и проблеми поврзани со општествената нееднаквост;
• ќе стекнат темелно разбирање за суптилните разлики меѓу концептите на мултикултурализмот и интеркултурализмот;
• ќе стекнат знаења за различните социјални перспективи и животни стилови на различните културни групи;
• ќе научат да го истражуваат општествениот идентитет на сопствената и на другите групи во општеството;
• ќе стекнат компетенции за комуницирање и за интеракција имајќи ги предвид суптилните културни разлики.
Факти за предметот
Траење: пет недели
Часови во недела: петок попладне и сабота
Задачи: вежби, работа на терен, практични задачи
Литература
- Шопар, Весна (2012) Идентитет, културна разновидност и општествени прашања (авторизирани предавања), Скопје: Висока школа за новинарство и за односи со јавноста.
- Hantington, Samjuel (2008), Američki identitet, Podgorica: CID
- Kelner, Daglas (2004), Medijska kultura, Beograd: CLIO
- Атанасов, Петар (2003), Мултикултурализмот како теорија, политика и практика, Скопје: ЕВРО БАЛКАН Пресс
- Bašić, Goran, Miličević, Nedjo, Mitev, Petar-Emil, Stanovčić, Vojislav, Tatalović, Siniša, Škarić, Svetomir (2004) Perspektive multikulturalizma u državama zapadnog Balkana, Beograd: Fridrich Ebert Stiftung (електронско издание)
- Цветанова, Ганка (2007), Културните разлики и општествената интеграција: Македонија пред и по Рамковниот договор, Скопје: Институт за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид (електронско издание)
- Asurmendi, Mikel (2002) Identitet I nasilje, Beograd:Biblioteka XX vek.
- Шнапер, Доминик (2003) Заедница на граѓани, кон модерната идеја за нацијата, Скопје: Слово.
Професор