LOGO - Лого

„Око за око, само ќе го направи светот слеп“, рекол Махатма Ганди. А, насилството како да ги влева своите води во човештвото од самиот корен на негова егзистенција, па сè до современите цутови. Овој зол ветар, некако, го нашол својот пат и до ѕидините на едукативниот епицентар.
Токму во таква институција го сместив и одвивањето на исцрпувачка дискусија, на тема „Заедно за училишта без насилство“, која ја отворив заедно со претставници од „гласот на авторитетот“ и ним „потчинетите“.

„Иако нашето училиште нема регистрирано инцидент од ваков калибар, насилството е тема која го засега општеството во целина. Ученици, надзорници, училишта, заедницата, сите сме инволвирани“, рече Татјана Кокотова, психолог во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“, Штип.

Тогаш, забележав треперење во усните на еден од учениците, па внимателно го проследив неговото излагање.

Зборуваше за формирање на училишен одбор, на кој ќе учествуваат учениците и претпоставените, рамноправно. Овој одбор ќе биде булка на дискусијата. Ќе се утврдува постојната состојба на секое повторно видување. Ќе се споделуваат искуства, гледишта на споменатата тема. Ќе се дебатира на можните решенија и предлози за надминување на проблемот.

„Ние, учениците, како најзасегната страна, би сакале и нужно е да учевствуваме во санирањето на оваа девијантна појава“, рече.
Почувствував олеснување и задоволство, во исто време. Активното вклучување на ученикот, во борбата против нешто кое самиот го предизвикува, сметам, е од есенцијална важност.
Ристе Петковски, директор на споменатата образовна институција, проговори:

„Сè доаѓа од главата, па така и насилството. Оној кој земал пиштол и го вперил во некого, ваквиот чин го испланирал однапред. Затоа, потребно е подучување на учениците, колку и да звучи тоа клиширано“.

Како да кулминираше револтот во мене. Пиштол... О, ти несреќнику! Зарем морате ти и твоите „другарчиња“ да паѓате во погрешни раце? Зарем ти, психички и физички насилен чину, не се умори од рушење на соживот низ век и векови? А, како да заборавив дека вината е во нас луѓето, всушност.

Во продолжение, надополнувајќи се, зборуваа за изготвување на програма со која учениците ќе бидат подучувани и мотивирани да разрешат конфликт, да ги контролираат чувствата, да развиваат етичко однесување. И тука завршивме.

Повторно мисли ме обзедоа. Да, помислив, тоа е вистинскиот пристап! „Робовите на насилството“, при извршување на злосторството забораваат кои се. Никој не може да држи нож и да размислува, во исто време. Свеста е нивна „ахилова пета“, а сите ние, колективно, истата ќе ја насочиме во посакуваниот смер. Можеби не можеме да го промениме општеството во целина, но сигурно можеме од училиштата да направиме наши засолништа, наши оази на мирот!

Драгана Папарова
четврта година, СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“, Штип