Како да поставите приоритет за некое итно и релевантно прашање на јавната политика и да го поврзете своето истражување со процесот на одлучување по тоа прашање. За ова се обучуваа 20-тина истражувачи од граѓански организации, учејќи како да креираат ефективно резиме за јавни политики.
Тие дискутираа за тоа како да се најде вистинскиот актер на јавната политика кој има влијание во носењето одлуки и како со резимето за јавни политики едноставно и концизно да се претстават научните наоди и заклучоци, да се образложат алтернативите за јавната политика и препораките за подобрувања и промени.
Учесниците на обуката ги усовршуваа и техниките како да го зграпчат вниманието на публиката за нивните ставови за конкретно прашање на јавна политика и да започнат дискусија за нивните препораки за решавање на проблемот. Тие учеа за резимето за јавна политика како комуникациска алатка којашто можат да ја користат во кампања за застапување и која може да биде дел од поширок пакет за привлекување.
Учесниците исто така добија и фидбек за нивните планови за истражување за застапување кои ќе го реализираат како дел од проектот „Граѓаните во Собранието: Законодавни иницијативи за човекови права“. Обуката ја реализираше Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, а носител на проектот е Вестминстер фондацијата за демократија.