Вестминстер фондација за демократија во соработка со Високата школа за новинарство и односи со јавноста од 2016-2017 година ќе го реализираат проектот „Граѓаните во Собранието: законодавни иницијативи за човекови права“ кој има за цел да стимулира вклучување на граѓаните и граѓанските организации во процесот на донесување закони, како резултат на низа обуки и активности за делотворна соработка меѓу граѓанскиот сектор и Собранието на РМ.
Проектот е составен од три компоненти: 1) едукација на граѓански организации за истражување, креирање документи за јавни политики, лобирање и застапување, преку обуки и менторска поддршка; 2) јакнење на соработката меѓу медиумите и граѓанскиот сектор преку работилници и средби со новинари; 3) интензивирање на соработката со Собранието на РМ и граѓанските организации преку средби, студиски посети и овозможување услови за практична примена на знаењата добиени од обуките за застапување и лобирање, ефектуирани во издржани законски решенија иницирани од граѓаните.
Партнерите во проектот преку јавен повик ќе изберат осум граѓански организации кои ќе предложат иницијативи за анализа, истражување и разработка на соодветни законски решенија со кои ќе се вреднуваат и гарантираат човековите права, партиципативната култура и медиумскиот плурализам. 16 претставници на осум невладини организации ќе поминат наменски обуки за: 1. Истражување, 2. Пишување документи за јавни политики, 3. Застапување, 4. Лобирање, кои треба да им помогнат не само да научат, туку и практично да ги применат стекнатите знаења и вештини видливи во форма на законски решенија поддржани од пратениците и другите законодавни тела. За успешна реализација на истражувањето, осумте организации ќе добијат и мали грантови. Проектот предвидува и размена на слични позитивни искуства со Парламентот во Шкотска, при што се предвидени студиски посети, менторства и средби со шкотски пратеници.
Преку оваа акција ќе се освежи дефицитарниот библиотекарски фонд, нудејќи им на граѓаните и граѓанските организации пет нови едукативни ресурси: (1) Прирачник за истражувања и пишување на документ за јавни политики; (2) Прирачник за застапување и лобирање; (3) Водич за граѓански организации при соработка со Собранието на РМ за јавни политики; (4) Водич и насоки за комисиски расправи; и (5) Позитивни искуства, достапни на македонски, албански и англиски јазик.
Проектот е финансиран од Европската унија |