Високата школа за новинарство и за односи со јавност (во понатамошниот текст: Висока школа) е основана од фондацијата МИМ (во понатамошниот текст: МИМ) во 2008 година, со цел да придонесе кон остварување на една од основните цели на МИМ – поддршка на развојот на образованието за новинари во Република Македонија.
Врз основа на Решението за акредитацијата за усогласување на студиските програми на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во Скопје (сл. 12 од 14.05.2008 година) издадена од Одборот за акредитација на високото образование како и Решението за работа издадено од Министерството за образование и наука (бр. 12-1889/2 од 18.06.2009 година), Високата школа се регистрираше како високообразовна непрофитна установа во согласност со Законот за високо образование, која нуди стручни студии од прв циклус во две студиски насоки: новинарство и корпоративни комуникации и односи со јавноста.
Високата школа е првата и единствена непрофитна високообразовна установа во Република Македонија која нуди стручно образование од прв циклус за стручни лица по новинарство и по односи со јавноста, комбинирајќи ги теоријата и практичното работење врз основа на највисоките меѓународни стандарди за организирање студии од овие две области.
Студиската програма за новинарство на Високата школа се надградува на резултатите од Едногодишната школа за новинарство на Македонскиот институт за медиуми и на повеќегодишното искуство на МИМ во спроведувањето стручни обуки за новинари и за професионалци во односите со јавноста. Во студиските програми на двете насоки на Високата школа се вградени и искуствата на нејзините партнери - Данската школа за медиуми и новинарство и Универзитетот за применети науки Виндесхејм, Холандија.
Наставните програми на Високата школа се дизајнирани според највисоките светски мерила и стандарди. Наставната програма за новинарство е усогласена со Моделот студиска програма на УНЕСКО, а во неа се вградени и одредбите на Декларацијата за принципите на образованието за новинари усвоена во Сингапур во 2007 година и на Декларацијата од Тарту усвоена од членките на Европската асоцијација за образование на новинари (EJTA) во 2006 година. Наставната програма за корпоративни комуникации и односи со јавноста е креирана според академските стандарди на врвните високообразовни институции во светот и во согласност со Кодексот на однесување на Чартеред институт за односи со јавноста (CIPR), кој со осум илјади членови е најголема асоцијација од својот вид во Европа.
Во 2010 година, Директоријатот за едукација и култура при Европската комисија и додели Еразмус повелба на Високата школа. Високата школа е исто така членка на Европската асоцијација за образование на новинари (European Journalism Training Association, EJTA), Европската асоцијација за образование и истражување на односите со јавноста (European Public Relations Education and Research Association, EUPRERA) и Глобалната алијанса за партнерства за медиумска и информациска писменост (Global Alliance for Partnership on Media and Information Literacy - GAPMIL), иницирана од УНЕСКО, Алијансата на цивизации при ОН (UNAoC), УНИЦЕФ, Фондацијата Отворено општество, ИРЕКС, Европската Комисија и други агенции при ОН. Високата школа има воспоставено долгорочно партнерство со: Данската школа за медиуми и новинарство, Универзитетот за применети науки Виндесхејм од Холандија, Мировниот институт од Љубљана, Институтот за различности во медиумите од Лондон, Универзитетот на Западна Каролина, Факултетот за применети бизнис и општествени студии ДОБА од Марибор, Универзитетот Витаутас Магнус од Литванија, Автономниот универзитет од Барселона, Одделот за новинарство и комуникации при Универзитетот од Тирана, Факултетот за организациски науки на Универзитетот во Белград и Колеџот за комуникации „Капа Фи“ во Бања Лука, како и со неколку домашни партнери: Институтот за социолошки и политичко правни истражувања од Скопје, Институтот за мировни студии при Филозофскиот факултет од Скопје, и др.
Во контекст на континуирана реализација на стратешките цели на Високата школа за организирање квалитетно високо образование за новинари и за стручни лица за комуникации и односи со јавноста, од особена важност е спроведувањето евалуација на сите аспекти од нејзиното функционирање.
Евалуацијата подразбира процена која опфаќа бројни експлицитни процедури за проценување на квалитетот во институциите за високо образование, на академскиот кадар и на нивните студиски програми според прифатените постапки и стандарди и водичот (насоките) за евалуација, усвоени од европските институции за евалуација во високото образование и други организации и асоцијации кои имаат улога да ги воспоставуваат и применуваат европските стандарди и упатства за евалуација на европскиот простор за високо образование“.