Инклузивно лидерство, комуницирање на разновидноста, мажите и жените во процесот на одлучувањето, родовата еднаквост во Европа беа некои од темите на дводневната конференција „Убавицата и ѕверот: Не ја потценувајте моќта на талентот“, што се одржа во февруари во словенечкиот град Љубљана, а на која учествуваше претставник на Високата школа.
На конференцијата беше потенцирано дека според студиите во Европската Унија компаниите имаат поголема ефикасност и профитабилност во работењето ако менаџерските тимови се родово избалансирани. Меѓународните индикатори исто така наведуваат дека полово избалансираниот талент е еден од најважните лостови за подобрување на корпоративното управување. Според истражувањата, ако во менаџирањето со компаниите се постигне рамномерна полова застапеност може да се постигне 41% поголем профит, 35% повисок поврат на капиталот и 34% повисока вредност. Сепак, се уште само 3% од жените се во управните одбори во Европската Унија, покажуваат истражувањата.
Конференцијата беше организирана од Здружението „Менаџер“ со поддршка на Министерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности на Словенија, а во рамки на програмата „Include.all“. Целта е да се постави модел и да се постигне повисоко ниво на застапеност на жените на раководни позиции во управувањето и политиката.