Библиотеката на Високата школа се надополни со нови наслови за истражувачко новинарство.
Балканската истражувачка мрежа од Македонија донираше над 20-тина „свежи“ книги од различни подобласти и истражувачки техники, со цел да им помогнат на идните новинари да го надградат своето знаење и искуство во нивните напори за заштита на јавниот интерес. Студентите по новинарство на Високата школа добија и по еден примерок од водичот за истражувачко новинарство „Под површината“ од авторката Шила Коронел, преведен на македонски јазик.
Донацијата беше и повод за куса дебата на која учествуваа и претставници од Амбасадата на САД во Македонија, која впрочем го поддржува БИРН во напорите за јакнење на капацитетите на истражувачкото новинарство во земјата. Дискусијата се фокусираше на условите и искуството на новинарите кои истражуваат и објавуваат ваков тип на стории, споредено со колегите новинари од САД. Валери Колби, советник за односи со јавноста во Американската амбасада ги повика студентите на Високата школа да ги искористат можностите за учество на работилници и куси студиски програми за новинарство, кои ги организира Амбасадата.