Менаџерот на настан секој пат се соочува со предизвикот како да се прилагодат местото и логистиката на настанот со потребите на целните публики и клиентот. На оваа тема студентите по односи со јавност разговараа при посетата на агенцијата „Њу Момент“.
Менаџерот на настани треба да понуди елементи на дизјан кои ќе влијаат на сите сетила - тактилни, мирис, вкус, визуелни, кои ќе бидат прилагодени на имагинацијата на учесниците. „Главните креативни одлуки се што да биде темата на настанот. Тоа го разликува од другите настани. Сите други елементите мора да се дизајнирани за да се вклопат во темата.“, изјави директорката за комуникации на агенцијата „Њу Момент“, Ели Пешева.
Таа вели дека настаните може да бидат изведени и на необични простори - паркови, крстосници или трговски центри, со цел нивните карактеристики да се искористат за подобрување на искуството на учесниците. При тоа, логистиката треба да ги исполни сите очекувања, вклучувајќи проток на луѓе и возила, комуникација, управување со отпад, посебни барања на ВИП личности и медиумите. Затоа, професионалноста е од суштинско значење кога се организира настан.
„Секогаш треба да се има предвид што би можело да тргне наопаку. Треба да постојат резервни планови за непредвидени ситуации со кои ќе се избегнат ризици за настанот. Планот Б треба да им е познат на сите кои се вклучени во настанот.“, смета Пешева.
Посетата беше организирана во рамки на предметот Менаџирање настани и буџетирање.