Пристапот до информациите е од особена важност за истражувачкото новинарство.
Без можноста да ги добијат клучните информации што ги поседуваат државните институции, медиумите не би можеле да ги истражуваат случаите на корупција и да ги обелоденуваат во јавноста. Ова во своето предавање за студентите по новинарство го нагласија Валентина Фидановска и Цвета Трајковска, претставнички на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Правото на пристап или увид во информациите што ги поседуваат државните тела или јавните институции е пред се право на секој поединец да биде информиран или право да го знае она што му е неопходно за да донесува слободни одлуки и да влијае врз општествените процеси. Ова право е дел од пошироката група граѓански и политички права и една од компонентите на фундаменталното право на слобода на изразување кое подразбира дека властите не смеат да го попречуваат слободниот ток на информациите и идеите.