Професионалните новинарски стандарди не се почитуваат поради влијанијата кои различни бизнис и политички центри на моќ ги имаат врз медиумите. За ова дискутираа дваесетина средношколци при посетата на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, организирана од Младинскиот образовен форум.
„Првата и најважна должност на новинарите е вистината, а професионалните новинари не треба да ги мешаат фактите со мислењата или со гласините. Со фабрикација и плагијаторство се кршат основните новинарски стандарди“, изјави Дејан Андонов, предавач во Високата школа.
Тој вели дека сепак многу често новинарството се користи за систематско ширење на информации за да се претстават интересите на оние кои ги застапуваат информациите. Според него, содржините во вестите се филтрираат под притисок на огласувачите, сопственичката контрола и владините институции.
Во дискусијата средношколците се согласија дека последица од ваквите влијанија се комерцијализација и сензационализација на медиумските содржини и политизација на медиумите.