Катедрата на УНЕСКО при Високата школа на конференција ги претстави насоките за развој на креативните аудиовизуелни индустрии – филм, телевизија и видео игри во Македонија. Насоките ќе бидат публикувани заедно со анализи, мерки и активности за создавање силна аудиовизуелна индустрија што ќе произведува квалитетни домашни содржини, но и ќе помогне во вкупната економија со нови вработувања, инвестиции, извоз на аудиовизуелни производи и со свој удел во бруто-домашниот производ.
На конференцијата „Насоки за развој на аудиовизуелните индустрии во Република Македонија – филм, телевизија, видео игри“, претставници на надлежните државни институции, професионални асоцијации и медиуми, продуценти и експерти дискутираа за насоките и ги изнесоа своите согледувања за институционалните и професионалните можности за поддршка и развој на аудиовизуелните дејности.
Насоките се однесуваат на шест области: политики и мерки за поттикнување на претприемништвото; политики за филмската и аудиовизуелната дејност; професионално и институционално поврзување; финансирање; образование, обуки и професионален развој и следење, ажурирање и анализа на податоците за аудиовизуелната област.
Дел од насоките предвидуваат да се развијат стимулативни мерки, финансиски олеснувања, стартап центри и инкубатори за поддршка на нова домашна продукција, да се воспостави систем на поврзување на сите важни чинители во аудиовизулната област, да се зајакне професионалното коморско и кластерското здружување, да се развиваат студиски програми и обуки според потребите на индустријата и да се воведе систем за следење на мерливите статистички показатели.
Насоките произлегоа од анализите, конференциите, работилниците, експертскиот панел и јавната расправа во рамки на проектот „Мерење на економскиот придонес на аудиовизуелната индустрија во Република Македонија“. Проектот се реализираше со поддршка на Меѓународниот фонд за културна разноликост на УНЕСКО во периодот од март 2013 до февруари 2014 година.