Планови за кризна комуникација, промотивни активности и предлози за интернет комуникација изработија студентите по односи со јавноста за издавачката куќа „Арс Ламина“, којашто изминатиот семестар беше клиент во рамки на проектните задачи.
Студентите најпрво ги истражија компанијата, нејзините производи и конкуренцијата на пазарот и врз основа на добиените податоци ги осмислија нивните предлози за издавачката куќа. Поделени во групи, студентите ги применија знаењата и вештините што ги стекнаа во текот на семестарот во реална ситуација.
Едните направија дополнителни истражувања со фокусни групи и интервјуа за перцепциите на целните групи и предложија повеќе активности за односи со јавноста. Вторите подготовија интервјуа, фотоприказни и план за интернет комуникација. Третите идентификуваа повеќе ситуации кои претставуваат потенцијален ризик со кои може да се соочи клиентот и разработија планови како да се комуницира со јавноста во случај на криза.
Проекните задачи претставуваат професионални ситуации со кои студентите ќе се соочат како практичари по корпоративни комуникации и односи со јавноста.