Постдипломските студии на Институтот за комуникациски студии (ИКС) ќе обезбедат академски научен прогрес во областа на менаџирањето на стратегиски комуникации и на медиуми и мултимедија преку создавање нови истражувачки кадри, како и севкупен растеж на научната мисла во Македонија.
Двете студиски програми соодветствуваат на нагласените и брзите општествени промени кои се одвиваат во овие области и се базирани на меѓународните стандарди и практики во образованието. Процесот на наставата и учењето е поврзан со истражувачката дејност на Институтот, а постдипломците ќе бидат вклучени во истражувачките проекти кои ги спроведува ИКС. Студиите подразбираат самостојно спроведување и пишување научно–истражувачки текстови и изработка на проекти кои произлегуваат од реални ситуации во комуникациската и медиумската индустрија.
Студиите се реализираат во рамки на Катедарата на УНЕСКО за медиуми, дијалог и заемно разбирање, основана во 2011 година. Наставните програми се креирани во соработка со професори и експерти од и експерти од Универзитетот Виндесхеим во Холандија, Данската школа за медиуми и новинарство и Универзитетот од Кардиф во Велика Британија.
Студиите се организирани како двегодишни и едногодишни, на кои студентот се стекнува со назив „магистер по менаџирање на стратегиски комуникации“, односно „магистер по менаџирање на медиуми и мултимедија“.