Новинарката Билјана Георгиевска, која беше дел од редакцијата на БиБиСи на македонски јазик во текот на целото нејзино постоање, пред студентите на Високата школа рече дека почитувањето на професионалните принципи и одржувањето на новинарската љубопитност се клучни фактори во растот на младите новинари.
Според неа, стандардите, особено во оваа професија, треба постојано да се надоградуваат, за да ги одбранат редакциите од разните притисоци.
Георгиевска рече дека историјата на БиБиСи воопшто, како и историјата на редакцијата на македонски која емитуваше програма меѓу 1996 и 2011 година, покажува како една редакција може да ја обезбеди својата независност и покрај тоа што изворите за нејзино финансирање се владини.
Како нејзини највпечатливи искуства Георгивеска ги вбројува известувањата за конфликтот од 2001 во Македонија кога БиБиСи беше симната од програмата поради несогласувања со политичкото водство за начинот на кој треба да се покрива конфликтот. Освен тоа, таа ги издвои и бомбашките напади во Лондон од 2005 кога новинари на редакцијата на БиБиСи на македонски беа на местото на настанот само моменти по нападите.
Осврнувајќи се на својата лична приказна, Билјана Георгиевска рече дека новинарот никогаш не знае каде ќе го одведе патот во кариерата. Таа почнала да работи како новинар за култура, а подоцна во кариерата почнала да покрива политика и воени конфликти. Таа вели дека “позади успешните новинарски приказни стојат и колегите новинари со коишто соработувала и на чија соработка се радува“.