Тројца студенти од трета година на насоката новинарство учествуваа на меѓународен семинар во Благоевград посветен на моменталната состојба во политиката и медиумите во Македонија и Бугарија. Која е улогата на новинарот, како да се надминат препреките за професионално известување и до која мера политиката влијае врз новинарството се темите на кои студентите Бојана Стојановска, Славица Филиповска и Никола Симовски дебатираа со истакнати новинари и активисти од регионот.
„Учеството на вакви семинари ни овозможува да ги зајакнеме ставовите за професионалност во новинарството како предуслов за квалитетен развој во професијата и да ја согледаме важноста на етичката одговорност на новинарите низ конкретни примери во медиумите“ вели студентката Славица Филиповска.
Во текот на семинарот се презентирааа и истражувањата за медиумскиот простор во Бугарија и Македонија. Медиумските барометри се спроведени во април годинава, а медиумскиот простор во Македонија е оценет со доволен 2 на скалата од 1 до 5. Слободата на изразување во Бугарија е оценета со 3. Идејата на проектот што го реализира фондацијата „Фридрих Еберт“ е по две години истиот тим од експерти да направи повторна оценка за состојбата со медиумите во двете земји.