Високата школа потпиша договор за соработка со Колеџот за комуникации „Капа Фи“ во Бања Лука, Босна и Херцеговина, со кој се воспоставуваат можности за студиска размена, развој на заеднички студии, истражувања, обуки и други едукативни програми помеѓу двете образовни институции. Примарна цел на овој договор е да се создаде соработка во размената на студенти и наставен кадар и на академски и информации од различни истражувања.
Колеџот за комуникации во Бања Лука е најстарата приватна институција за високо образование во Босна и Херцеговина и прва во земјата која ги проучува најважните форми на општествена комуникација. На Колеџот се изведуваат додипломски студиски програми, а дипломите се признаени во европските земји потписнички на Болоњската декларација, САД и други земји.
Колеџот „Капа Фи“ е осмата високообразовна институција со која Високата школа има воспоставено меѓународна соработка, со цел да им овозможи на студентите можност да студираат еден семестар надвор од Македонија и да стекнат знаење, искуство и додаток на диплома од странска образовна установа. Високата школа досега има стратегиска соработка со Универзитетот Виндесхеим од Холандија, Данската школа за медиуми и новинарство, Универзитетот од Љубљана, Универзитетот Витаутас Магнус од Литванија, Универзитетот од Тирана, Факултетот ДОБА од Словенија и Универзитетот Западна Каролина од Америка.