Технолошкиот развој наметна потреба трите сегменти на аудиовизуелната област - филм, телевизија и видео-игри/мултимедија да се планираат и да се третираат како една целина. Затоа, треба да се донесе единствен стратегиски документ и да постои поголема координираност на политиките. Ова беше заклучени на работилницата „Аудиовизуелните индустрии во Македонија - насоки за развој на нови политики“, што се одржа изминатите два дена во Маврово.
Учесниците посочија дека во Законот за филм и Нацрт-Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги има нејасни одредби и неусогласеност на одредбите. Оттука, неопходно е натамошно поврзување на сите чинители во дејноста. Министерството за култура треба да воспостави платформа или систем на поврзување на сите надлежни институции, индустријата, независните продуценти, професионалните здруженија, академските институции и други важни чинители. Овде треба да се има предвид и улогата на веќе воспоставената Национална комисија за креативни индустрии.
На работилницата се предложи Министерството за култура одново и јасно да дефинира кои се сегментите на креативните индустрии и посебно на аудиовизуелната дејност. Националната категоризација на дејности не го препознава секторот и недостасува систем за следење на развојот на овие индустрии. Затоа мора да се направат разговори со надлежните инситуции за обезбедување дополнителни податоци со кои може да се измери уделот на овој сектор во вкупната економија..
Претставниците истакнаа дека мора да се зајакне професионалното коморско здружување на ниво на целата аудиовизуелна индустрија, со цел да се идентификуваат заедничките интереси и да се настапи заеднички пред институциите. Треба да се искористат механизмите за поттикнување на кластерско здружување и да се испитаат можностите за воспоставување на инкубатор, кој ќе обезбедува различни видови поддршка за продуценти, автори, уметници и мали компании (консултантска помош, олеснување на пристап до европските фондови, интерсекторско поврзување и партнерства итн.).
Во областа на образвоанието, се укажа на потребата постојните студиски програми да се развиваат според потребите на индустријата, но и на нужноста од покуси програми преку кои побрзо ќе се едуцираат оние профили кои итно му се потребни на аудиовизуелниот сектор. Потребни се програми за доедукација и обуки за континуирано образование, а неопходно е да се развива и медиумско образование во средните и основните училишта.
Погледнете ги фотографиите од работилницата
Прочитајте ги заклучоците од работилницата