„Livin’ la vida Erasmus“ е мотото кое стана секојдневие за тројца студенти на Високата школа, Вања, Александар и Ивана, откако третата година од нивните студии ја започнаа на еден од најдобрите универзитети во Европа, на Универзитетот од Љубљана. Благодарение на Програмата за мобилност на студенти – Еразмус, петтиот семестар ќе го поминат на Факултетот за општествени науки при овој универзитет.
- Чест и задоволство ми е што добив можност да студирам на ваков престижен факултет. Имам големи очекувања од ова искуство, кое со сигурност ќе ме направи поголем професионалец во областа на новинарството. На повидок е и усовршување на англискиот јазик како и зголемен круг на познаници и пријатели, вели студентката Вања Мицевска.
За време на студискиот престој студентите ќе добиваат стипендија, а при нивното дипломирање ќе се стекнат и со додаток на дипломата.
- Привилегија е да имаш предавачи кои се професионалци во нивните области, но незаборавна авантура е и да се обидеш да го разбереш јазикот кој, исто како твојот, го зборуваат само два милиони луѓе, а истовремено да ги запознаваш и културите на стотици луѓе собрани од целиот свет на едно место, кои го делат истото искуство како тебе, раскажува Александар Самарџиски.
Задоволството да се биде „Еразмус студeнт“ не го крие ниту Ивана Крстеска. Според неа, да бидеш студент на размена е одлична можност за академски напредок, но и незаборавно животно искуство кое ти пружа шанса кругот на пријатели да го прошириш од Канада, па, се` до Кореја.
Ова е трета година по ред како студентите на Високата школа ја користат можноста за размена на еден од партнерските универзитети.