Високата школа почнува со проектот „(Де)конструирање на медиумите“ којшто ќе се фокусира на стекнување на вештини за анализа, декодирање и производство на медиумски содржини меѓу средношколците во Македонија.
Проектот ќе биде фокусиран на учениците и професорите од средните училишта кои работат во областа на новинарството, пишувањето и дигиталните технологии, за кои ќе бидат организирани дводневни работилници. Средношколците ќе учат за значењето и влијанието на медиумската и дигиталната писменост врз нивните ставови и ќе стекнат вештини за продукција на медиумски содржини. Преку проектот, тие треба да се оспособат за критичко размислување и со комуникациски и информатички вештини кои ќе рефлектираат на барањата и реалноста на дигиталната култура.
Во рамки на проектот, ќе се креираат и онлајн ресурси наменети за училиштата, учениците, наставниците и родителите. Ресурсите ќе содржат практични и етички упатства и насоки за различни теми и аспекти на медиумската и дигиталната писменост. Онлајн ресурсите ќе бидат достапни на www.medium.edu.mk, која треба да прерасне во мрежа на веб-страниците на среношколските училишта и нивните онлајн весници.