| За основачот |
|
|
|
|
Македонски институт за медиуми (МИМ) е прв и единствен центар во земјава за едукација и професионализација на новинари. МИМ учествува активно во спроведувањето на професионалните стандарди и подигањето на квалитетот на новинарството во медиумите во Македонија. МИМ директно го поддржуваат 60-тина најрелевантни медиуми од целата земја, со што Институтот е една од најмасовните медиумски платформи во земјава. Професионалните новинарски обуки се заштитен знак на МИМ. Сите тренинг-програми се создадени според најмодерните светски стандарди во новинарството и се имплементираат преку учење низ практика (learning by doing). Над дваесетина реномирани уредници од највлијателните медиуми на македонски и на албански јазик го сочинуваат тимот тренери на МИМ. Институтот раполага со модерна студиска опрема за радио и за ТВ, како и со други технички помагала со кои се опремени предавалните. Еден од најпозитивните облици на тренинг на МИМ е Едногодишната школа за новинарство (ЕШН), која беше прва и единствена школа во Македонија за практична едукација на новинари-почетници. Програмата беше создадена според најмодерните стандарди во новинарското образование во светот и беше заснована врз принципот учење преку работа. ЕШН постоеше од 2004 до 2008 година. Завршија четири генерации на студенти и се едуцираа стотина млади новинари, од кои 90 проценти професионално се ангажирани во највлијателните редакции во Македонија. Сите студенти кои успешно ја завршија ЕШН добија дипломи верификувани од Данската школа за медиуми и новинарство и од МИМ. Оваа диплома служи како најдобра препорака за старт на успешна новинарска кариера во Македонија. Едногодишната школа за новинарство од 2008 година прерасна во високообразовна установа - Висока школа за новинарство и за односи со јавноста. Покрај Едногодишната школа за новинарство, МИМ организира бројни специјализирани обуки за новинари на различни теми. Во изминатите осум години, повеќе од 1.000 домашни новинари учествуваа во различни обуки, работилници и семинари организирани во МИМ, а стотина беа испратени на дообуки надвор од земјава. Покрај новинарските, голем дел од специјализираните обуки се наменети за техничкиот персонал во медиумите, за менаџерите и за лицата што се занимаваат со медиумски маркетинг. МИМ спроведува и обуки за односи со јавноста за претставници на граѓански, јавни, државни и комерцијални организации и институции, кои имаат потреба за обучени кадри за комуницирање со јавноста и медиумите. Овој вид тренинзи е одговор на потребата на институциите, на граѓанските и на комерцијалните организации за зголемување на транспарентноста и за поуспешно претставување на резултатите од нивната работа во јавноста. Во изминатите осум години, во нив беа вклучени многу претставници од невладините организации, од јавните установи и владините служби и од општините. МИМ има посебно обучен тим тренери за односи со јавноста, кои ги спроведуваат овие обуки. Институтот преведе и издаде на македонски, на албански и на англиски јазик десетина новинарски прирачници, тематски публикации, регионални истражувања и прирачници за комуникација со медиумите и односи со јавноста. Во 2005 година беа издадени две книги кои ги содржат основите и практичните начела за пишување во печатот, во радиото, во телевизијата и во онлајн-издаваштвото.МИМ организираше и многу национални и меѓународни конференции посветени на различни аспекти од функционирањето на медиумите и нивната улога во општеството. Доделувањето на Наградата за најдобра истражувачка сторија на годината осум години едноподруго е еден од најзначајните новинарски настани во земјава. Освен најдобра истражувачка сторија на годината, од 2006 година, МИМ го организира и годишниот избор на медиум кој дава најголем придонес за промоција на граѓанското општество. Во изминатиот период МИМ иницираше и спроведе неколку истражувања од областа на медиумите, кои се реализирани од страна на локални ескперти/истражувачи. Регионалната соработка на МИМ со центрите за новинарско образование и медиумските субјекти во Југоисточна Европа во изминатите седум години беше интензивна и многу успешна. Институтот е член на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (www.seenpm.org), на Мрежата на медиумски организации од Југоисточна Европа (www.seemo.org) и на Медиумската мрежа за различности од Лондон (www.mdi.org).
|
